Maserati – Pyramid of the Sun [Temporary Residence Limited, 2010]


И најголемите интелектуалци (позери или вистински), што ниту најмалку не се заинтересирани за спортски автомобили, тешко дека можат со 100-процентна сигурност да гарантираат дека не би пофантазирале, барем за микросекунда, како е да се седне зад воланот на едно Maserati. Дури и најголемите рокери, панкери или металци, пак, (позери или вистински), нема воопшто да се колебаат да кажат дека “масерати”, е прилично тапа име за бенд, зашто асоцира на стероиди и дебели, црвени, вратови. Ама ако Bon Jovi, од едно име и презиме направи сензација во секој дом на планетава, кој може да им забрани на три музичари од Атина (Џорџија, САД, не Грција), да се обидат истото да го постигнат. Додуша, јасно е оти тоа е невозможно со интелигентен инструментален израз како нивниот, но ова трио со новиот албум, Pyramid of the Sun, докажува дека и тоа како е можно од Maserati да направи чесно име на рок-група.

А рокот на Maserati е пост-сè-и-сешто, неговите корени досегаат дури до Pink Floyd и King Crimson, а динамичен е и мелодичен како најдобрите синтпоп-плочи од 80-тите и електро-денс-изданија од 90-тите години. Типичната звучна слика на пост-рок-групите е, воглавно, меланхолична и се основа на бавно билдање напнатост додека музичарот не се доведе себеси и слушателот до точка на емотивна експлозија. Maserati воопшто не ги интересира оваа формула. Тие, многу често, ја скокаат предиграта и веднаш се фрлаат на изработка на весел, спој на две гитари, бас, тапани и електроника (најчесто синтизајзери). Млитавост во нивниот звук речиси и да нема, сè е разиграно како на моќна техно-винилка.

Пост-рокерите, како Mono и Mogwai, на пример, во една песна знаат да отсвират сè, почнувајќи од шумови во питома корија и завршувајќи со дисонантна гитарска катарза. Maserati, тука, пак драстично се различни. Не се плашат да бидат гласни, во живо гарантирано мермер корнат, но за уво се лесни како Duran Duran во најдобрите, џигерица се лепрша на броду, денови. Pyramid of the Sun го има тој симпатичен продукциски сензибилитет на 80-тите, но само во поглед на електронската страна, што многу му должи и на епскиот пристап на Vangelis. Рокерскиот дел е крајно рокерски иако најчесто недисторзиран, туку повеќе потпрен на дигитални педала-ефекти како ехо или реверб. Од тие причини, песните делуваат како да се лулаат од една до друга точка, како да лебдат без цел, како да се возат во “масерати”, со средна брзина, по кривулестите патишта во сончев ден на Азурниот Брег.

Како и секој добар бенд што свири исклучиво инструментали, Maserati прави музика за која, во умот, можат да се снимат толку спотови колку што луѓе ја слушаат. Тие се фантазери што дисциплинирано ги вјармиле широкопојасните идеи за снимат албум со осум песни во времетраење од 40-ина минути. Меѓутоа, додека ги пишувале нумерите, внимавале тие да не бидат набиени во армиска марширачка формација, туку да можат без пречки да си го најдат патот до индивидуалниот начин на толкување. Уште побитно, ги спакувале во форма што, на тие што не сакаат да бараат значење, пораки и идеи во албумите, ќе им овозможи, наједноставно кажано, интензивна слушачка сесија – една од најдобрите годинава.

Оцена: 90/100

Артист: Maserati
Албум: Pyramid of the Sun
Датум на објава: 9 ноември 2010
Продуцент: Justin Van Der Volgen и Jeremy deVine
Издавач: Temporary Residence Limited

Листа на песни:

1. Who Can Find the Beast? – 2:32
2. Pyramid Of The Sun – 4:35
3. We Got The System To Fight The System – 4:13
4. They’ll No More Suffer From Thirst – 4:52
5. Ruins – 2:53
6. They ll No More Suffer From Hunger – 6:25
7. Oaxaca – 8:11
8. Bye M Friend, Goodbye – 6:36

Слични написи

Остави коментар