Љубојна: Во музиката не постои модерно и немодерно


Фото: Татјана Ранташа

Луѓето си наоѓаат мал милион, свои, лични, начини за дефинирање на посебноста на одредена музичка група или изведувач, но веројатно повеќето би се согласиле дека еден од најочигледните е леснотијата. Леснотијата во смисла дека напишаното и потоа отсвиреното, без фанфари си го наоѓа патот до слушателот. Леснотијата во смисла дека иако на слушателот му е јасно дека тоа што го слуша ниту најмалку не е “боза” да се изведе, сепак, до неговите уши доаѓа без мака.

“Љубојна” е состав што блика со леснотија – на авторски и на инструментален план. Нивната музика бара посебна виртуозност, вештина, дури и дисциплина, но кога се поврзувате со неа преку цеде или од бина, таа делува како за нејзиното создавање и изведба да не е потребен никаков, ама баш никаков, посебен напор. Токму ваквиот питом тек на звуци и зборови вчера ечеше во клубот “МЦМ”, каде што, по пауза од повеќе месеци, “Љубојна” пак се сретна со публиката во Скопје. Во очи на овој настап, одговор на неколку прашања побарав од предводниците на групата, Оливер Јосифовски и Вера Милошевска.

По ланската промоција на “Песна за мојата песна” во Хавана и настапот пролетва во Универзална сала, синоќа имавте изведба во кабарето МЦМ во Скопје, што беше најавена како “интимна”. За Љубојна”, какво влијание има просторот во којшто свирите врз интимноста на изведбата – ви се случило ли да почувствувате дека локацијата “извлекува” нешто повеќе од вас?
Оливер: Во принцип, поголем простор бара повеќе енергија за да може да се освои, а и посконцентриран фокус за да не се раштрка музиката. Но, не влијае на интимноста во буквална смисла. Слушателот си одлучува сам за интимноста на доживувањето на музиката, на изведбата.

Потребата за интимност кај Љубојна” е очигледна и на албумите, особено во топлината што извира од снимката на последниот, објавен во 2009 година. Без разлика што тоа не е физички возможно, колку ви е важно, слушателот, кога го преслушува цедето, да почувствува дека комуницирате во прво лице?
Оливер: Музиката е така направена, а и гласот на Вера е таков, што сам по себе има лично обраќање. Тоа е особено важно за нас, заради добрата комуникација со публиката, на тој начин публиката стократно возвраќа и тоа е повеќе од видливо.


Фото: Татјана Ранташа

На почетоците, Љубојна”, по бројност, а со тоа и по израз, беше состав со посиров пристап. Иако сега сте поголем, а со тоа и звучно покомплексен бенд, истата таа едноставност и приемчивост, воопшто не е загубена. Колку е тешко или лесно, за сите вас конкретно, во исто време, да бидете виртуози на своите инструменти, но и лесно разбирливи за тие што ве слушаат?
Оливер: Музичарите долго време ја свират традиционалната музика, тие ја живеат таа музика. Ја познаваат, и својата и останатата светска музика. Свират постојано, се разбира, дека тоа ќе им оди со леснотија. Знаат како најразбирливо и наједноставно да ја пласираат, со други зборови, знаат како се свири таа музика. Потребни се години да се изгради сопствен звук. “Љубојна” со право си обезбедува свој сопствен звук во етерот.

Снимениот материјал е еднонасочен – тој му се обраќа на слушателот, но слушателот нема начин како да му се обрати нему, а со тоа и на авторите. Од гледна точка на човек што создава музика, без разлика на просторот за лична интерпретација, кои се нештата што би сакал секој слушател да ги пронајде во делата на Љубојна”?
Оливер: Авторот, верувајте, точно знае кога публиката комуницира со делото и обратно – кога делото комуницира со публиката.Потоа се доаѓа до баналната мисла дека енергијата не се губи, дека таа само се – претвора. Во овој контекст ќе споменам и една мисла од Оскар Вајлд, која секогаш ме смее, тоа е: “Уметноста не служи за ништо, таа служи само за разубавување на животот”. Па јас оттаму кога ќе поминам по улица, и здогледам среќни луѓе, се надевам дека тие штотуку излегле од музеј, од кино, од театар, концерт, прочитале убава книга па бурно реагираат и раскажуваат за тоа, па трчам дома да правам музика, со мислата дека на некого тоа можеби ќе му даде одговор на некои прашања, како што јас сум успеал да најдам одговор на многу прашања со многуте албуми, од светската и домашната музичка сцена.

Музиката на Љубојна” има силна, јасна, традиционална основа, но може да се каже и дека има уште еден квалитет – тој што може да се чуе во добри поп или рок-песни што освојуваат врвови на топ-листи. Ќе биде ли погрешно да се тврди дека Љубојна” создава нов, свој, оригинален, тип на поп-музика, нешто што е и модерно, но и ги почитува корените?
Вера: Во поп-музиката, и во музиката воопшто, не постои модерно и немодерно, старо и ново. Така што по принцип на логичен развој, на некаков тек, невозможно е да се раздели звукот на корените и модерното. Всушност, корените, како што ги нарекувате, ја носат сржта на модерното, ги носат основните најпрости мелодиски линии од неколку тона, кои што се содржат во музиката на целовкупното човештво. Во сите музички варијанти и сите видови музика познати до денес. “Љубојна” во таа смисла создава своја оригинална современа македонска популарна музика.


Фото: Татјана Ранташа

Сите албуми на Љубојна”, а особено “Песна за мојата песна”, длабоко во себе ја носат тагата и радоста што во ист миг може да ги пренесе мелосот од Македонија. По твое, лично, видување, каде се корените на оваа способност што македонскиот мелос ја има за збивање на “плусот и минусот” во една иста песна – без разлика колку е таа долга или куса?
Оливер: Корените се во душевната состојба на народот кој го создава мелосот. Во неговата емотивно и ментално доживување и поимање на светот. Таква ќе биде и таков вкус ќе има секоја музика што ќе произлезе од него.

Тоа што последниот албум е инспириран од делата на Петре М. Андреевски само потврдува оти изразот на Љубојна” е исклучително близок до поезијата. Што мислиш, зошто оваа литературна форма, денес е крајно потценета, а дури може да каже и дека е подзаборавена?
Оливер: Музиката на “Љубојна” е блиска на Петревата според универзалноста, силината на емоцијата, торжественоста која што ја носи во себе, нејзината СЕвременост. Инаку, не мислам дека поезијата е потценета, таков си е вкусот на времето во кое што живееме. Прво треба да се одговори на прашањето: кој е вкусот на времето, каква поезија се посакува. И во стиховите на турбо фолкерите има поезија која што за некого претставува врв во современата поезија.

За поезија денес можеби има слаб интерес, но тој за Љубојна” изминативе години постојано се зголемува. Со што сте преокупирани во моментов и какви планови имате за следниот период – имате ли претстава како сакате да звучи групата на новиот материјал?
Оливер: Во моментов сме преокупирани со скицирање на музика што ќе биде сместена на повеќе албуми, што во текот на 2011 година ќе излезат, како обележување на 10 години од постоење на групата. Ќе се издадат и повеќе материјали од живи  настапи,од театарски претстави, од архивски снимки, што не се издадени, ама за тоа повеќе следниот пат.

Слични написи

Остави коментар