Порција индирејв од Handsome Furs

Гледајќи и слушајќи ги синоќа Handsome Furs, како развалуваат на ритам-машината и на гитарата во холот на Младинскиот културен центар во Скопје, лесно е да се заклучи зошто нашле инспирација за цел албум (ланскиот Face Control) токму во Источна Европа и на Балканот. Високиот бетонски таван, сивите подни плочки и воопшто, чувството дека сè наоколу сè уште е армирано во минатото (комунистичко или античко), Ден Бекнер и Алексеј Пери не ги фрлило, како сите нас овде, во летаргија, туку ги поттикнало да пеат, вриштат, скокаат и да создаваат, сирова, нерафинирана, синтизајзерска бучава. 


Фото: Татјана Ранташа

Контраст од овој аудионапад што, сепак, не беше воопшто какофоничен или радикално неслушлив, понуди Девојка, кантавторка со македонско потекло што живее и работи во Калифорнија, САД. Придружувана од ол-стар-екипа локални музичари – Георги Шарески (акустична гитара), Џијан Емин (клавијатури) и веројатно, не сум 100 посто сигурен, Александар Петров (тапан), младата Билјана Мирковски и во живо покажа дека има глас и шесто сетило за беседење. Девојка не се изразува во американски фолк-манир, како повеќето тамошни кантавтори иако провејува и таква нишка во нејзините песни. Таа повеќе потсетува на женски Џеф Бакли, односно на неговата класична и алтернативна рок-поткованост спакувана во Леонард Коен-филм. Мирковски сè уште треба да се бруси себеси и своите дела за од девојка да созрее во жена – и по години и во авторска смисла – но талентот и инстинктот и сега ги има во себе, две работи што некои музичари и бендови цел живот ги бараат, а многу од нив и никогаш не ги пронаоѓаат.

Ден Бекнер и Алексеј Пери, очигледно, никогаш немале таков проблем, тие на сцена врескаат – буквално, но и со самодоверба. Кога некој решава да опева живот што не го живее, инстинктивно е тоа да се дочека на нож, со сомнеж, но Handsome Furs не се ниту политички попувачи, ниту активисти-спасители. Ако, пак, судиме по жарот со кој настапуваат пред публика од географска област што тврдат дека ги инспирирала, Бекнер и Пери делуваат искрено фасцинирани, а не фасцинантно неискрени. Панкерите, сепак, мора да се такви – без завеси и со што помалку скриени пораки. И покрај сите пулсирачки ритми на машината или ефекти на клавијатурите, брачната двојка од Монтреал во Скопје се претстави најмногу како панк-бенд, а најмалку како инди-рок-хипстери обременети со интелектуализација на сè и сешто.


Фото: Татјана Ранташа

Речиси едночасовниот настап на канадското дуо, очекувано, беше исполнет, во најголема мера, со нумери од последниот диск и со по некоја песна од Plague Park, дебито од 2007 година. На цеде, сите тие звучат по малку придушено, во ритмички електропоп-манир и со дисторзија што се претопува со заднината. Во живо, единствено е речиси иста мелодичноста и слушливоста на гласот на Ден Бекнер. Неговата гитара, пак, е за неколку степени понакострешена, а ритам-машината и синтисајзерите на Алексеј Пери грмат како на рејв-масовка од 90-тите. Собирот во МКЦ, иако солидно посетен, не беше Љубовната парада, но и покрај тоа, женската страна на Handsome Furs скокаше со ентузијазам еднаков на земјотресниот пулс на нејзините ритми.

Најдобрата страна на свирката беше што, без разлика на сета панкерска бучава и хаотичен призвук, песните на Handsome Furs речиси во ниту еден момент не се оддалечија од поп-фазонот во кој е јасно дека се напишани. Бекнер пееше како на цеде, а музичката подлога беше погласна, помоќна, поисполнета со живот. Со оглед на тоа што Алексеј во интервјуто ми кажа дека е убедена оти на сите нас денес изгледа ни недостига порција живот, судејќи по свирката во Скопје, очигледно е дека таа и Ден не чекаат во ред за да ја добијат, туку сами си ја готват и со страст и сласт ја сркаат на омиленото место – на бина.

Слични написи

2 коментари

civ 07/12/2010 - 20:20

Dobar text 🙂

Reply
irena 08/12/2010 - 00:01

super koncert.. go slushav od doma, i na momenti Den tolku perfektno peeshe – kako da slushav snimka , a ne nastap vo zvo

Reply

Остави коментар