На почеток, ќе го изметам подот од една можна, а потенцијално клучна, нејаснотија – мамутските американски стрип-издавачи ги редам според следнава важност: Vertigo, DC Comics, Marvel. Првите ги сакам недвосмислено најмногу поради уживањето во улогата на одпадници во меинстримот на оваа култура. Вторите ми прават мерак со храброста пред масовната публика да носат книги како Watchmen. За третите не одгледувам вакви симпатии, но неизмерно ги почитувам за доследноста во стилот, односно во вербата во чудесната страна на стрипот, засекогаш врежана во името на етикетата под која се појавија Spider-Man, Iron Man, Hulk, Captain America, X-Men и безброј други. Разликите меѓу DC и Marvel на хартија и не се екстремни, но пренесени на големото платно, тие отсекогаш се манифестирале како епски судир меѓу мракот и боите.
Во денешнава предапокалиптична ера на студенило и цинизам, темнината (спакувана како “реалност”) значително повеќе се почитува отколку светлината (продавана како “надеж”). Кевин Смит не за џабе рече дека The Dark Night е “Кум 2″ на стрип-филмот, а Spiderman 2 не доби такви грандиозни хвалоспеви иако е во самиот врв на листата со најдобро рецензирани дела во овој кинематографски жанр. Или гледано низ призмата на класичната научна-фантастика, Blade Runner и Alien се за на филмска академија, а Star Wars и Star Trek за обичниот плебс. Некој ќе каже дека сум неодлучен, на што ќе одговорам оти сум непрокопсан гик, но на поинаков начин подеднакво уживам во сите шест наброени наслови (седум со капиталниот проект на Френсис Форд Копола), што ме направи бесмислено подложен на магиите фрлени од The Avengers.
Најискрено, се работи за познати волшепства, но по мајсторијата на режисерот Џос Ведон, ми се разјасни дека претходниците само гребеле на нивната површина. Тука, сепак, ќе ги исклучам The Dark Knight и Iron Man зашто за некоја нијанса остануваат поубедливи од “Одмаздници”, ама тоа не го ништи неговиот статус на ремек-дело во музејот на стрип-филмовите. Таа позиција си ја запечатува со вештото премостување на широкиот амбис создаден од спојувањето драстично различни суперхерои во една приказна. Не навлегувајќи премногу во нивната историја, што може да претставува сериозен проблем за тие што не ги гледале засебните остварувања за Iron Man, Thor, Hulk и за Captain America, The Avengers не ги собира на купче со телефонски повик по којшто се однесуваат како големо среќно семејство. За повеќето од нив влечкањето за нос е единствен начин да ја прифатат задачата – тимска работа во битката со главниот негативец Локи.
Нивните несогласувања ја прават борбата со надворешниот непријател, кој буквално не е од Земјата, значително подинамична, почовечка и позабавна. Кормиларот Ведон, кој во мојата книга на впечатоци запиша пет плус поради Firefly и сценариото за X-Men и кој има чиста гиговска крв во своите вени, го води The Avengers како суперхеројски балет. Наместо правење шпаги, лебдење во воздух и фрлање во прегратки, ликовите под негова команда тегнат нозе во меѓусебно претепување, летаат од една на друга зграда гмечејќи вонземјани и си ги штитат грбовите од исконското зло наострено да ја покори нашата планета. Сето тоа се одвива во компјутерски создадени масовни сцени со оперски квалитети и опкружување разработено до најмалиот детаљ. Нагласок на ова дава 3D-форматот што е најимпресивен од сите наслови во оваа техника што досега се прикажани во скопското кино “Милениум”.
Техничкиот дел на The Avengers е, питомо кажано, разорно впечатлив. Очите не само што гледаат како се распарчува Менхетен, туку пред нив се запечатува заклучокот дека суперјунаштвото на стрип-ликовите досега не било претставено волку живописно, така убедливо и толку проклето херојски. Џос Ведон не е Кристофер Нолан, кој го направи Кристијан Бејл морничав низ заби крикајќи I’m Batman. Авторот на телевизиски серии како Buffy the Vampire Slayer и Dollhouse и самиот пишува стрипови, меѓутоа, за него е типичен делумно детскиот и помалку наивниот допир на текстот, цртежот и сликата. Неговите дела не се налик анимираните хитчиња што кон крајот на 80-тите години ги пуштаа во недела по вести, ама и не се сурови како модерниот Мрачен Витез. Во нив сè уште доминира вербата, надежта и сонот дека постојат добродушни заштитници со способности или посебни моќи кои даваат сè од себе ние да спиеме мирно.
Секако, ниту хероите на Ведон не се совршени. Повеќето се его-манијаци со комплекс на богови (некои се токму тоа), но на нивните лица не е врежана мачна гримаса која што наводно ја содржи сета болка на светот во себе. Суперјунаците на овој сценарист, продуцент, писател, режисер и нескриен хипергик се силни, цврсти, посветени, ама и забавни, ведри, едноставно, полни со живот. И најциничните (Iron Man) и најбесните (Hulk) меѓу нив, во светот што Ведон го создал во The Avengers се пријатни на начин што ги прави беспрекорни за ролјата на идоли. Во филмот тоа се чувствува можеби и пренагласено, преотворено, пребесрамно, но ако го исклучиме наметнатиот модерен нагон за “реалистичност” ќе ни светне дека токму истото се случува и на страниците на стриповите. И таму наивната верба во големи идеи, стоичко држење и величествени потези се во јадрото на ѕвездата околу која што ротираат останатите космички тела. Поради оваа наводна детинетост, има такви што со потсмев гледаат кон сите што се воодушевиле од The Avengers. Тие истото и не можеле да го доживеат, оти ги спречиле нивните мрак цвикери за кулоќа, што го блокирале овој стрип-филм со блес(к)ава боја.
Оцена: 92/100
Наслов: The Avengers ["Одмаздници", официјален превод]
Премиера: 4 мај 2012 (САД) / 11 мај 2012 (Скопје)
Режија: Џос Ведон
Улоги: Роберт Дауни Џуниор, Крис Еванс, Марк Рафало
Продуцент: Кевин Фиџ
Сценарио: Џос Ведон
Според стрипот: The Avengers од Стен Ли и Џек Кирби
Музика: Алан Силвестри
Студио: Marvel
На 20 април во Младинскиот културен центар во Скопје е закажан настан на којшто пред македонската публика за првпат ќе се претстават три актуелни групи од оној дел на хардкор-сцената што правецот го третираат на потежок, похеви, начин. Носечко име меѓу нив е Terror, бенд основан во Лос Анџелес и познат по енергичните изведби на бина. Овој состав моментно е во Европа со Death Before Dishonor и Take Offense, летово ќе го дели водечкото место на турнејата низ САД со Bane, а ќе ги поддржат Naysayer и Rotting Out. Тоа значи дека бендот во период од неколку месеци ќе свири со многу различни групи, што отвора простор за голем број нови искуства и размена на идеи.
- Тоа е листа на состави што ги сакаме. Не само нивната музика, туку и како луѓе. Да имаш можност да свириш со пријатели е прекрасно. Возбудени сме за овие турнеи. Ќе биде забавно – открива Вогел, со кого искомуницирав додека бендот е ангажиран со секојдневните свирки на Стариот континент.
На 24 април ќе излезе No Regrets, No Shame: The Bridge Nine Days, цеде-дивиди што ќе ги прикаже почетоците на Terror. Додека се подготвувало изданието, членовите имале можност да се присеќаваат, дури и да бидат носталгични за минатите времиња, ама Скот вели дека до тоа не дошло бидејќи не биле премногу ангажирани.
- Искрено, единствената работа што требаше да ја завршиме беше да најдеме стари фотки од Terror. Ијан од Blood for Blood дојде во Лос Анџелес пред многу години, имаше една фирма и снимката таму дремеше. Тој ја врати во живот. Дефинитивно ни се навратија многу луди сеќавања – вели фронтменот на групата од Калифорнија.
Споменатото издание вклучува цел концерт од јануари 2003, што значи материјалот стоел неискористен девет години. Секој од членовите засебно, а и самиот состав, со сигурност оттогаш значително се променети. Според Скот, трансформацијата што има најголема тежина е новата постава на Terror.
- Чувствувам дека јас, Ник, Мертин, Дејвид и Џордан ја сочинуваме најдобрата постава што Terror некогаш ја имал. Додека да дојдеме во оваа точка дел од групата беа многу извонредни луѓе, но оваа постава е посебна. Секој од нас созреа, се промени, направи грешки и учеше за себеси преку составот. Го сакам Terror.
ПОДДРШКА НА КОНЦЕРТИТЕ
Насловот на следниот албум на бендот, Live by the Code, е на одреден начин поврзан со менувањето, но на начин што го нагласува значењето на придржувањето до своите принципи. Вогел појаснува дека кодексот на Terror се основа на неколку суштински, клучни, вредности.
- Тие се: поддршка на свирките, купувањето демо-изданија, почитувањето места за концерти наменети за сите возрасти, патувањето до градови каде што се одржуваат настапи, неподлегнувањето на петпарачки интернет-муабети. Недозволување на луѓе да ја користат нашата сцена за нивни придобивки. Помагање на хардкор-клинците кога им е потребна испружена рака. Држењето на нацистите подалеку од нашата сцена. Обезбедувањето гаранции дека жените и помладите момци и девојки се свесни дека ова е и нивна сцена. Почит за бендовите што нè довеле дотука. Такви нешта, пријателе – нагласува пејачот на групата од Лос Анџелес.
Live by the Code ќе излезе две години откако Keepers of the Faith се појави во музичките продавници. Тоа беше прилично жестока плоча, можеби дури и најжестоката што досега Terror ја издал. Песните, пак, на кои што бендот сè уште работи се поинакви.
- Новиот материјал, едноставно, звучи потешко. Сериозно гризе. Одвај чекам да го завршиме – вели Вогел.
За Keepers of the Faith бендот примени уличен, директен, маркетинг-концепт. Целта им беше да ги оживеат раните денови на хардкорот. Пејачот на Terror верува дека меѓу денешната и тогашната сцена има голема разлика.
- Никој не пишува текстови за да каже нешто, никој нема вредности. Никому не му е гајле за умствената страна на хардкорот. Нема фанзини.
ОГНОТ СÈ УШТЕ ГОРИ
Освен тоа, изјавивте дека со Keepers of the Faith “ги зедовте сите правила за сè што се случува во индустријата денес и ги избришавте од умот”. На Скот му пречат повеќе работи во модерниот музички бизнис, а меѓу тие се:
- Издавачки куќи што земаат десет бенда, ги објавуваат нивните албуми и работат на тоа само еден одлично да се продаде. Тие ја туркаат таа група, а оставаат останатите девет да потонат. Состави што никогаш не биле на турнеи или не издале плоча, но имаат менаџер и букинг агент. Бендови со имиња што немаат никаква смисла се напорни. Сето ова е кошмарна игра.
Изведбата на фестивал пред илјадници луѓе еден ден и свирка во скват следниот не е непозната ситуација за Terror. Откако ќе остварат одреден степен на успех, голем број бендови престануваат да го прават ова. На хардкор-сцената, држењето на нозете цврсто на земја е навистина значајно.
- Свирките на Terror секогаш ќе бидат хардкор. Пред да ги одговорам прашањата, со Роб од Born from Pain џогиравме и зборувавме. Му реков дека никој во Terror не се жали ако треба да свири во подрум или на места без бина. Сите одиме на свирки кога не сме на турнеја за да ги гледаме пријателите и да го подржиме хардкорот. Тоа ми значи навистина многу. Тоа е ха-це.
Terror неодамна ја почна европската турнеја. Бендот има настапи буквално секој ден од шести до 29 април. Свирките на составот секогаш се исцрпувачки, но членовите на сите им приоѓаат со истата енергија и страст. Сигурно е тешко тоа да се постигне.
- Некако огнот сè уште гори во нас пријателе. Сè уште веруваме и ја поседуваме таа енергија. Некои денови одењето на турнеја и патувањата се напор, задача. Почесто, пак, сето тоа е просто неверојатно – вели Вогел.
Во рамки на споменатата турнеја, Terror ќе свири во Скопје на 20 април, а тоа ќе биде прва изведба на бендот во Македонија. Запрашан што можат фановите да очекуваат, дали сетлистата ќе биде ретроспективна, дали ќе ја опфаќа целата кариера на групата, дали ќе има само нови песни или ќе биде комбинација, Скот одговара:
- Проклето сме возбудени. Секогаш сакаме да одиме во нови места. Во сетлистата имаме песни од секое издание, старо и ново. Се надевам дека свирката ќе биде дива во позитивна смисла. Се гледаме.
Екстремно слободното музичко изразување често фасцинира, а не толку ретко како што би сакал, знае и да нервира. Не ги бива сите бендови за тоа. Самиот принцип на оваа форма е да нема форма, но на сите ни е јасно дека не оди баш така. Некаква, не е битно колку минимална, нишка на насочување, визија и на посакувано дејствување мора да постои, за крајниот резултат да не биде бесмислен. Членовите на проектот Undone на ланското издание If We Are Here покажаа дека знаат како да импровизираат со конкретна идеја, а слична способност, но со помала постава, се слуша и на следбеникот, Indeed. Овој материјал го снимија Дориан Јовановиќ, Филип Митров и Ронит Бергман, со која поразговарав пред официјалната презентација на дискот.
Во “Менада“ утревечер ќе го промовирате вториот студиски албум, Indeed, овој пат под името Undone Project. Што се промени во групата по ланската објава на If We Are Here?
- На многу начини, Indeed е продолжение на патешествието започнато со If We are Here. Во некој поглед, ова е уште еден фото-албум, нов ден, следниот по If We Are Here.
Заедно со претставувањето на последното цеде, ќе ја презентираш и новата книга со поезија, Honey Lasso. Како е ова дело поврзано со вториот диск на Undone?
- Поемите беа дел од “храната” или “квасецот” што го понесовме со нас на патот до заедничкото откривање на овој албум. Некои песни се од Hair of My Heart, а некои од Honey Lasso, што е нејзино продолжение.
Отвореноста е во срцевината на Undone. Како што велите и самите, работите со “колку што е можно пофлексибилно срце“. Што отскокна најмногу во текот на тридневната сесија во текот на која што го снимивте Indeed?
- На таа еластичност може добро да ѝ дојде одржување, вежбање. Тоа отворање е процес што тече како река. Колку што човек повеќе се отвора, повеќе може да увиди колку по правило сме затворени. Една личност никогаш не е доволно отворена, таа може да помогне на други со тоа што ќе биде што е можно поотворена. Заедничкото создавање со помош на отвореноста може да биде прекрасно иако понекогаш и заплеткано искуство. Тешко е да се отвориш без верба. Да се биде ОТВОРЕН значи толку многу нешта…
Дориан и Филип сега се дел од Undone Project додека ти си единствениот линк со If We Are Here. Какви динамика развивте едни со други?
- Дориан и Филип, исто така, беа дел од If We Are Here as well. Филип работеше на видематеријали со Undone, а Дориан го миксаше и мастерираше албумот и свиреше на уд на промоцијата на мојата претходна книга. Тоа што работевме заедно ја засили желбата да продолжиме. На Indeed, единственото нешто што го испланиравме беше да се потсетиме меѓусебе да не планираме. Желбата да се обидеме да направиме нешто заедно тоа ни го овозможи. Undone е отворен проект што ги засега луѓето кои што се во него вклучени. Ние тројцата ќе соработуваме и со други, исто така, пријатели кои беа дел од If We Are Here на летна турнеја и на идни проекти.
Сите сте биле или сè уште сте членови на бендови кои работат “традиционално“. Како би ги споредила нивните “покрути“ принципи со отворениот пристап на Undone?
- Се работи за тековна, динамична, поврзаност. Луѓето имаат различни потреби за нивните различни страни. Indeed е мистично и (на многу начини голо) искуство што го споделивме и документиравме. Што ќе се случи со него сè уште е нејасно. Во врска со другите проекти во кои што сме вклучени. Тоа е како пробувањето нешто ново. Сè уште станува збор за храна, но можеби не нешто што го јадеш или го подготвуваш секој ден на ист начин. Не значи дека е повкусно, само е различно.
Две од 11 нови песни се на еврејски, две на македонски, а остатокот се отпеани на англиски. Бидејќи си поетеса, колкава е тежината на јазикот во уметноста што ја создаваш?
- Зборовите се музика. Јазиците се различни бои, звуци, различни инструменти.
Сите сте искусни, ако можам да кажам и музичари-ветерани и уметници со долги креативни портфолија. Како тоа помага во форумулирањето на специфичниот пристап кон музиката на Undone?
- Можеби колку човек е поискусен, повеќе има шанса да заклучи дека, всушност, не е доволно искусен. Интересно и брилијантно е да се најде ова заедништво додека се бараш себеси во музиката. Тоа е желба да научиш и да се откриеш во музиката на нови начини, а тоа е причина за заедничка работа.
Едед од описите на вашите теми вели дека тие се “поврзани со визуелна приказна со вселенски тон“. Каква е улогата на сликите во концептот на Undone?
- Поемите многупати се основаат на визии и на сонови, некогаш поживописни или, пак, поапстрактни во искуството или во поезијата. Понекогаш, поемата е симбол и сите не ја гледаат или доживуваат на ист начин. Кога работиме, многупати на нумерите им приоѓаме како што можеби сликар ѝ приоѓа на слика. Темата, формата, боите, како и атмосферата и расположението секогаш се збирка од компоненти што го прават или го изразуваат “парчето” уметност. Овој пристап создава нишка што сè поврзува.
Импровизацијата е клучна во музиката на Undone, но овој тип на изразување во извесни случаи знае да изгуби насока и да стане бесмислен. Како го избегнувате ова?
- Преку слушање (многу, заедно и сами) на тоа што е снимени, зборување за тоа, со препознавање на нештата што ни се допаѓаат и нивно развивање во рамки на самата импровизација. И потоа, во текот на постпродукцијата, го избегнуваме со тоа што не се плашиме да кастриме од материјалот. Ние прво свиревме пред било какви снимање. Кога ќе ни се допаднеше нешто, се јавуваше момент на “ајде да снимаме”. Потоа се префрливме на слушање неколку недели, сами и заедно, и на избирање на омилена верзија од секоја песна. Следуваше нова импровизација, додавање инструменти и гласови во некои делчиња. Скелетот на сите нумери беше документиран за време на првата импровизација, а во дел од композициите навистина малку беше додадено. Во други нешто повеќе, но не претерано, сè со цел да избегнеме манипулација и со намера да го зачуваме суровото и природното.
Доаѓаш од Израел, каде што имаш и живеено, веќе некое време си во Македонија, но одредено време престојуваше и во Лондон. Какво влијание ова “скокање“ од место во место има врз Undone?
- Секако преку трите јазици чиј дел сум и преку благодарноста и препознавањето на Македонија како дом на моето семејство. И можеби преку желбата или потребата да продолжам со движењето, можеби еден ден да танцувам низ животот, да не се плашам почесто да ги пуштам нештата и да не се грижам за иднината.
Во делумно пренаселениот металкор-свет, каде што хардкорот и металот изминатава деценија се претопуваат и помалку предвидливо, Every Time I Die од самите почетоци беа изроди од прва класа. Тие не се потпираат исклучиво на чуга-чуга рифови, не се џанкерски зависни од вметнување лесни брејкдауни во секоја песна, не ја пасираат до бескрај истата аранжерска формула. Групата од Бафало ја истакнува мрснотијата на гитарите со неверојатна доза непредвидливост, запаметливите мигови во кои што ги кршат песните секогаш се трудат да отскокнуваат, а авторските решенија, во најмала рака, можат да се дефинираат како – шизофренични. И покрај тоа, особината што им ја запечатува уникатноста е налевањето луто, јужњачко, рок-виски, врз целиот и онака очигледно жесток микс. На новиот албум, Ex Lives, по извесно време, таа бурност се приближува, ако не и изедначува, со избувливоста на раните изданија.
Овие 32 минути (проширената верзија трае 40) се машина за мелење чии секачи се одамна во употреба, но бидејќи се тазе избрусени, сè распарчуваат без да покажат премногу знаци на шлајфување. Процесот почнува со максимален број вртежи на Underwater Bimbos from Outer Space, трака со бизарна масивност што се едначи само со гротескноста на нејзиниот наслов. Таа е перфектен отворач на плоча, несомнено еден од најимпресивните на хеви-сцената последниов период. Со неа Every Time I Die прави парам-парче како што Тонг По крши кичми. Демонстрацијата на боречки хардкор-вештини продолжува на хаотичната Holy Book of Dilemma чии грајндерски испади го фрлаат Ex Lives во уште побезмилосен вител на бруталност. Степенот на тежина не се спушта ниту на A Wild, Shameless Plain, но добива епска, бавна, хедбенгинг форма, со која што искусно се менува динамиката на материјалот.
Typical Miracle нè враќа на панк-основите, само што, тие се зајакнати со рок-арматура произведена во долните делови на Соединетите Држави, а I Suck (Blood) продолжува во иста насока, ама нејзината лудост е отелотворена во спид-треш-метал рифови. Таа некаде на средината добива благуњав, певлив, облик што би бил безгрешно рефренче, но ETID лефтерно го арчи за 15-ина секунди и се враќа на манијакалноста. Бенџото ја најавува Partying Is Such Sweet Sorrow, нумерата што ја дели плочата на две половини и во која што сите претходни и елементите што следат, занаетски се врамнотежуваат. Во неа има цинизам, иронија и забава, меѓутоа и умешност, суровост и грув. Петорката се враќа во шизо-фазон на The Low Road Has No Exits, но и тука природно ги вклопува парчињата леплива мелодичност. Токму таа го покажува своето спектакуларно лигаво лице на Revival Mode. Тука им гостува Џон Крајст, првиот гитарист на Danzig, но за оваа песна Every Time I Die може да бидат обвинети дека и бесрамниот бонџовизам го направиле да звучи неочекувано кул. Знам, вџашувачки, ама функционира.
Неврозата, сега со средно темпо и романтичен рефрен, пак се истопорува во преден план на Drag King. Непосредно пред финишот, Touch Yourself, со извонредниот ди-бит нагласува да не заборавиме дека ова, всушност, е пеколно бесно остварување. Групата, од никаде неповикана, на Indian Giver од џеб вади и алтернативен метал/рок, на кој тие со инструментите и оние пред звучниците, добиваат шанса да земат здив по половина час беснеење. Проширената верзија на дискот продолжува со уште три поприлично силни теми, целината губи незначително и со нив, но таа најприродно се заокружува со 11-тата песна. Во последните секунди фонија не одѕвонува само нејзиниот крај, туку и гневот којшто, со изолирани моменти на опуштање, разорува речиси непрекинато во сиот тек на плочата. Every Time I Die мораше да пробуричка по поранешните животи за да ја пронајде таа крволочност, а поради неа Ex Lives се вбројува меѓу најголемите креативни достигнувања на бендот, но и на актуелната металкор-сцена.
Оцена: 90/100
Артист: Every Time I Die
Албум: Ex Lives
Датум на објава: 6 март 2011
Продуцент: Џо Бареси
Издавач: Epitaph
Листа на песни:
1. Underwater Bimbos from Outer Space – 2:43
2. Holy Book of Dilemma – 1:49
3. A Wild, Shameless Plain – 1:49
4. Typical Miracle – 2:26
5. I Suck (Blood) – 2:56
6. Partying Is Such Sweet Sorrow – 3:12
7. The Low Road Has No Exits – 2:52
8. Revival Mode (feat. John Christ) – 3:46
9. Drag King – 4:12
10. Touch Yourself – 2:18
11. Indian Giver – 4:10
Соборната црква на електронската музичка религија изобилува со фрески и икони на артисти и бендови што на свој начин влијаеле во пишувањето на нејзината Библија. Тие можат да се поделат на предвесници, современици, револуционери, визионери и забавувачи. Има луѓе што се поклонуваат само на еден од нив, постојат такви кои се крстат на повеќе, а се наоѓаат и лица што буквално во сите наоѓаат поттик за восхит. Меѓу тие суштества со божествени квалитети во електро-звукот, има неколку што во исто време влегуваат во сите графи. Во тоа одбрано друштво едно име отсекогаш ми било запишано со црни, големи, болдирани и подвлечени букви – Orbital. Како и сите што од нив чекаа издание барем на приближно квалитативно ниво на Snivilisation / In Sides ерата, така и јас се подмочав од радост на муабетите дека планираат камбек со албум налик споменатите. Со Wonky токму тоа и го испорачаа.
Да разјасниме уште во вториот параграф – ова не е ремек-дело како наведените две плочи од најславната фаза на дуото, но не е ниту помалку залутано, остварување како дисковите издадени од 1999 до 2004 година. Не дека тие беа очајни – посодржајни се и сега од поголемиот “струен” материјал што излегува денес – ама и не беа посебни како збирките од 1994 и 1996 година. Следно нешто што мора да се расчисти е дека ова не е современ електронски албум во класичната смисла на тој збор, не е ниту дапстеп, ниту е изваден од дневната соба и фала богу, не е од оној Дејвид Гета сајзер-транс којшто торпедира мозок од секој проклет ќош, често паралелно со турбофолк. Далеку, пак, од тоа дека е неактуелен или исклучен од времето во коешто е објавен, меѓутоа, Wonky гордо црпе од периодот кога “свирењето” и семплувањето беше во преден план и го телепортира во 21 век.
Orbital отсекогаш сум го гледал како “композиторски” електронски бенд, со длабоки корени засадени во рокенролот, зајакнати со класичарско чувство за мелодија и џез-наклоност кон импровизација. Браќата Хартнол и на Wonky тераат сличен филм, а пријатно изненадува колку целиот крајно нивен спој не делува модерно, не се грижи премногу за електро-постулатите од 21 век, а сепак, не звучи како ништо друго на сцената. Материјалот е игрив, можеби на моменти дури и детски (ова е комплимент), во начинот на којшто скока од мелодија во мелодија, од звучна боја во звучна боја, од ритам во ритам, од семпл до семпл. Пријатно е да се чуе дека по авторска пауза од осум години и деценија и пол по In Sides, Фил и Пол сè уште поседуваат талент за уникатно билдање атмосфера и за емотивно ослободувачки кулминации. Можеби и сум досаден со споменувањето на изданието што содржеше песни како P.E.T.R.O.L. и Adnan’s, ама самиот факт дека ја употребувам таа референца, е мераклиско.
Денешната верзија на групата е за нијанса помалку опседната со пишување долги, епски, дводелни траки, но истото чувство на претопување на широките простори (и мисли) во звук и тоа како е присутно. Бендот тоа го прави со оптимистички тон иако има и доволно моменти на потиштеност за да не се случи позитивизмот да премине во панаѓур. Плочава не е типична денс-растурачина без разлика што речиси сите песни имаат сегменти од кои што би се растресле основите на подиумот. Материјалот, додуша тоа важи и за неговите претходници, е воглавно за домашна, индивидуална, употреба, но во него е оставен доволен простор за да може да се прилагоди на лајв-амбиентот. Од понуденово, гарантирано, Orbital ќе направат концертен концепт каков што сè уште ретко кој во електрониката може, ако ништо друго, барем да го ископира, а не да го стигне. И тоа ќе го изведат користејќи “неактуелен”, искривен – Wonky – и екстремно сопствен музички код.
Оцена: 80/100
Артист: Orbital
Албум: Wonky
Датум на објава: 2 април 2011
Продуцент: Фил и Пол Хартнол
Издавач: ACP
Листа на песни:
1. One Big Moment – 6:16
2. Straight Sun – 5:28
3. Never – 4:43
4. New France (feat. Zola Jesus) – 4:47
5. Distractions – 7:04
6. Stringy Acid – 5:19
7. Beelzedub – 4:54
8. Wonky (feat. Lady Leshurr) – 6:13
9. Where Is it Going? – 5:50
Вриштење по аеродроми и дочеци на терминали не се првата слика што асоцира на хардкор, но токму тоа им се случило на Death Before Dishonor кога пред неколку години пристигнале во Москва за да ја одржат првата свирка во Русија. Без разлика на случкава, вакво нешто е исклучок на оваа сцена. Најголемиот дел од нејзините членови не само што не се сметаат себеси за “селебритис”, туку го прават тоа што не е баш синоним за славните личности – работат, работат и работат. Паралелно, успеваат да снимаат нови албуми и да одржат илјадници свирки на сите страни од светот. Таков бенд, A Wilhelm Scream, гостуваше во Скопје во неделата, а уште еден, Death Before Dishonor ќе имаме прилика да гледаме на 20 април во Младинскиот културен центар, заедно со Terror и Take Offense, групи со слична фанатична работна етика. За неа, но и за други детали поврзани со DBD, разговарав со нивниот фронтмен, Брајан Харис.
Пред публиката во Скопје и во Македонија првпат ќе свирите на 20 април. При лајв-дебито во Русија, фанови ве чекале на аеродром, а слично се случило и во Азија. Колку се изненадивте и колку ова ви значеше, знаејќи дека доаѓате од далечниот Бостон?
- Тоа беше навистина откачено, такво нешто претходно ни се нема случено. Ние сме обични момци, никогаш не очекуваме нешто во тој стил, но беше ептен кул да се види колку клинците беа возбудени што сме во нивниот град. За нас тоа беше чест.
Како им пристапувате на концерти во градови или во земји каде што претходно не сте свиреле – се фокусирате да подготвите нешто специјално за приликата, се радувате дека ќе го видите градот или на можноста да запознаете нови фанови?
- Секогаш е супер да настапуваш во нов град или во нова земја. Секогаш се обидувам да видам дел од местото доколку има време. Дефинитивно сакам да среќавам луѓе и да видам и да слушнам дел од локалните бендови. Секогаш се дружам на масата каде што ги продаваме маичките и музиката. Или висам на шанкот.
Поминаа речиси три години од објавата на вашата последна плоча, Better Ways to Die. Прочитав дека пишувате и снимате нов материјал со план за објава кон средината на 2012 година. По што отскокнуваат тазе создадените песни?
- Помина доста време, имавме неколку промени во составот изминатава година и кусур и беше тешко да се најде време за пишување. Тоа се случува во бендови кои што се заедно долго време и како и ние, веќе имаат насобрано многу турнеи. Оваа ситуација им влијае на луѓето. Покрај сето ова, нашиот гитарист и еден од основачите, Френки, во минатата година доби ќеркичка, а вториот гитарист, Џејк, синче во речиси исто време и беше тешко со сите обврски да се посветиме на новата плоча. Напишавме по нешто, но си тераме пополека. И онака помина толку долго време и сега нема поента да избрзуваме. Сакаме да се осигураме дека максимално ќе го искористиме времето што го имаме на располагање за заедно да ја снимиме најдобрата плоча што можеме. Ќе излезе годинава преку Bridge 9 Records.
Етикетата за која што издавате, Bridge Nine, како и многу критичари, сметаат дека Death Before Dishonor е бостонски хардкор-бенд од почеток до крај, но со различен звук. Од твој агол, што ве прави посебни?
- Мислам дека сите сме под влијание на различни стилови на хардкор и на панк. Прилично сме отворени и верувам дека тоа се забележува во нашата музика. Во последното цеде, Better Ways To Die, вложивме нешто повеќе време, а тоа што сме постари и поискусни, ни помогна да се осигураме дека голем дел од влијанијата на секого од нас ќе се чувствуваат во песните.
Втората работа што ги издвојува Death Before Dishonor не само од бостонските, туку од многу други хардкор-групи генерално, е напорната работа. И самите во интервјуа тоа често го наведувате, дури повеќе од звукот. Зошто работната етика е толку важна, не само во музиката, воопшто во животот?
- Едноставно, ги почитуваме принципите на напорната работа, што го научивме од Agnostic Front на нашата прва европска турнеја со нив. Во хардкорот е навистина важно да излезеш и да свириш и за старите и за новите обожаватели. Можеш да направиш одлично издание, но верувам дека во хардкорот музиката е најважна кога се свири во живо. Енергијата на свирките отсекогаш најмногу ми значела во хардкорот. Освен тоа, да имаш здрави работни навики е добар начин на терање на животот. Никој не добива ништо на тацна. А и доколку е така, тоа не се цени исто како во случајот кога за тоа напорно си работел.
Лично, никогаш не би сакал да го критикувам екстремното замаглување меѓу хардкорот и металот изминативе 10 години, но искрено, некои бендови тоа го прават очајно. Од друга страна, вие нештата ги “враќате на основите“ на американскиот хардкор. Зошто оваа насока?
- И јас истото сум го забележал. Не ме сфаќај погрешно, има бендови што го прават тоа извонредно, но некои лошо. Албумот One Voice на Agnostic Front ми омилен на сите времиња и е големо влијание врз музиката што сме ја напишале досега за Death Before Dishonor. Таа плоча е под влијание на металот, но и понатаму е хардкор-издание. Ние сме фанови на метал и на панкрок, а овие жанрови имаат извршено музичко влијание врз хардкорот. Само се обидуваме да го вклучиме во нашиот пристап без притоа да ја искомпромитираме идејата за тоа како сакаме да звучи еден хардкор-албум.
Музиката што ја креирате е слика за времето во коешто е создадена, но во неа се слуша и Madball, Agnostic Front, Suicidal Tendencies, а дури и Slayer и Pennywise. Како би го споредил денешното опкружување со времето во кое што тие ги снимиле своите најбитни плочи?
- Мислам дека голем дел од нивната музика го издржа тестот на времото. Тие бендови се и секогаш ќе бидат легендарни. Затоа мислам дека новите клинци што денес ќе се навлечат на хардкор ќе слушаат стари албуми од тие групи и ќе уживаат во нив. Сè уште пуштам плочи од тие групи и сè уште се чувствувам како кога ги чув пред десет години. Тие состави издаваат нова музика без да заскитаат од својот класичен звук. Новите плочим им се “повеќе во тек” во споредба со класиците, но никогаш не се предалеку од звукот што ги доведе на сегашните позиции.
Во поглед на стихови, изгледа дека негативностите на модерното општество ги анализирате низ лична призма, како во Peace and Quiet: There’s an assault on my brain. Wave of white noise – deafening pain. Колку денешниот свет е инспиративен за да го сликате со зборови?
- Многу сјебани нешта се случуваат на секојдневна база, ние само се обидуваме да пишуваме за ствари што нè оптоваруваат или се во нашите умови. Го ставаме тоа на јавна сцена за другите да можат да го интерпретираат во сопствениот живот. Можеби не се работи за потполно истата ситуација, но се надеваме дека личноста што нè слуша може со неа да се поврзе на некој начин. Се сеќавам дека имаше бендови со кои што кога растев секогаш чувствував дека можам да се поврзам. Чувствував како и тие да минуваат низ нештата низ кои што и јас минував. Во реалноста, на нив веројатно не им се случувало потполно истото како и на мене, ама тоа не беше важно зашто можев да го почувствувам тоа што го кажуваа. И ние се обидуваме тоа да го постигнеме со нашите текстови.
Тоа што се во хардкор бенд не ги прави луѓето славни личности, што значи дека веројатно морате често да одите на турнеи, но и да работите. Колку силно беа погодени членови на групи како Death Before Dishonor од економската криза во САД?
- Тешко е за сите, го гледаме тоа насекаде околу нас. Среќни сме што имаме работни места на кои што можеме да се вратиме или што живееме во град каде што има далеку повеќе можности за вработување. Кога бендот е во прашање, кога одиме на турнеја, за да “преживееме”, многу се потпираме на продажба на нашиот штанд, а сега е потешко за луѓето да трошат пари на маички или дури да се појават на свирка кога се мачат да обезбедат средства за следниот оброк. Ова се тешки времиња за сите.
Death Before Dishonor никогаш не внесувале политика во стиховите. Сепак, сите сигурно имате ставови за тоа што се случува во САД. Сега, изборите се во фокус. Какво е твоето размислување, што би било најдобро за Америка во ноември?
- Лично, мислам дека ни е потребен лидер чии интереси не се директно врзани за корпоративната и богата Америка. Тоа никогаш нема да се случи зашто било која наша влада си има сопствена агенда. Таа се храни од алчност и дури ако претседателот има одлични идеи или сака промена, од тоа ништо нема да биде поради фактот дека сè мора да мине низ конгресот. Тажно е, ми делува како да има војна само за преку неа одредени луѓе да извлечат финансиска корист. Можеби еден ден политичките моќници нема најмногу да имаат наклоност кон пари, ама се сомневам.








